ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Попишувачите повикани на доброволна вакцинација

За Владата е доволно еден повик кон регионалните попишувачи и инструктори за да се вакцинираат, како аргумент против најавите на опозицијата дека без имунизација на попишувачите, септемврискиот статистички процес ќе биде доведен во прашање. Извршната власт смета дека вакцинацијата е доброволно прашање за кое се определува секоја индивидуа, без да се коментира условот на опозицијата од средбата на лидерите Заев – Мицкоски, кој беше токму вакцинирањето на попишувачите.

„Очекувањата се дека лицата вклучени во процесот на попис ќе бидат вакцинирани во средината на август. Вакцинацијата е доброволна и Владата ги повикува попишувачите да се вакцинираат затоа што е од јавен интерес. Пописот е важна статистичка операција во која секој мора да учествува и да даде максимален придонес“, наведуваат од Владата.

Од СДСМ се оптимисти. Според социјалдемократите, попишувачите ќе бидат вакцинирани во јули и август, додека апелираат до опозицијата да не измислува алиби против процесот за попис.

Државниот завод за статистика, како надлежно тело за спроведување на процесот на попис, пред неколку дена објави дека конкурсот што ќе биде објавен за новите попишувачи и нивниот избор до почетокот на август, не овозможува навремено вакцинирање на попишувачи, додавајќи дека имунизацијата на процесот е доброволна. На последната средба Заев – Мицкоски, кога пописот беше одложен, услов на македонската опозиција за да го поддржи и признае процесот беше имунизацијата на 60 проценти од населението и вакцинирање на лицата вклучени во пописот.

Адриан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button