ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Поплава по хаварија на резервоар за вода во струшко Заграчани

Големи штети предизвика пукањето на цевки синоќа од резервоарот за вода во струшкото село Заграчани врз имотите на жители од ова село. Откако Струга и дел од струшките села останаа речиси 30 часа без вода за пиење поради санација на други цевки, вишок вода од изворите во селото Горна Белица се акумулирале, па во еден од резервоарите кај Заграчани дојде до хаварија. Уништен е потпорен ѕид, а водата поплави куќи, дворови, подруми, гаражи.

„Бевме во Струга со жена ми. Кога се вративме во 21 часот, само видовме како нешто да експлодира како бомба. Кога дојдов овде ѕидот целиот падна. Телефониравме веднаш во Проаква, но никој не одговараше на телефон. Горе во резервоарот притисокот беше многу голем, поради вишокот вода, поради што дојде и до пукање на цевките“, вели Сулејман Сулејмани-жител на Заграчани.

Жителите раскажуваат дека до утрото пукнала уште една цевка, па се бореле со водената стихија, која со себе носела камења и земја.

„Треба да одговараат зашто не се јавија синоќа. Одговорноста не е наша, ние не сме направиле штета. Кога отидовме горе не можевме да ѝ се приближиме на водата, се плашевме да не пукне и резервоарот. И чуварот горе немаше можност повеќе ништо да направи“, рече Назим Сулејмани-жител на Заграчани.

Денеска низ селото се шири неподнослива миризба, затоа што водата се измешала со септичките јами. Од Јавното претпријатие Водовод и канализација – Струга велат дека неодговорни граѓани фрлале камења по водоводната цевка и затоа дошло до нејзино пукање. Екипи на претпријатието го санираат дефектот.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button