ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Повеќе од 10 лица дале исказ два месеца по пожарот во тетовската модуларна болница

Повеќе од 10 лица, минатата недела  сами се пријавиле во тетовското обвинителство да дадат исказ и да посведочат за тоа што сè виделе ноќта на 8 септември кога до темел изгоре модуларната болница. Ова во телефонски разговор за Алсат го потврди шефот на ОЈО Тетово, Бесир Алиу. Дел од овие лица, за време на избувнување на пожарот биле хоспитализирани во модларната болница, но успеале навреме да избегаат и да се спасат. Други биле придружници на пациенти, а имало и граѓани кои им помагале на хоспитализираните да излезат од опожарената болница. Во нивните искази тие пред обвинител кажале се што виделе критичната ноќ.

На прашањето зошто овие лица чекале цели два месеци да дадат исказ и зошто обвинителството изминатиов период не инсистирало да земе изјави од нив, бидејќи се работи за лица кои во постапката се водат како лица кои поседуваат информации, одговораат дека дел од нив биле во шок и не биле подготвени да се соочат со трагичните настани.

Од Обвинителството коментираат дека нивните искази нема драстично да ја сменат текот на истрагата – бидејќи според наши информации тие ги потврдиле случувањата кои веќе биле познати. Нејасно останува дали воопшто досега обвинителството успеало да земе изјава од присутен пациент или роднина на  преживеаните или починатите, со оглед дека во болницата за време на катастрофалниот пожар имаше 26 лица, од кои 14 загинаа.

Официјално, Обвинителството го чека последниот извештај, а тоа се видувањата на германските експерти за настанување на пожарот во болницата. Алсат неодамна праша во Бундескриминалистичката полиција до каде се со овој извештај, но не добивме конкретен одговор. По него, обвинителството веќе ќе може да го комплетира предметот, но и да отвори евентуална истрага за сторено кривично дело за пожарот во модуларната ковид болница. Досега крим – техника на МВР утврди дека пожарот можеби настанал од прегреан кабел на продолжен кабел на кој биле приклучени дефибрилатор, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button