ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Повторно големи проблеми и хаос при откупот на тутунот

Тотален хаос со откупот на тутун, обвинуваат тутунарите и бараат итна средба со надлежните. На 20 дена од истекот на рокот за откуп на реколтата, тутунарите се жалат дека имаат непредадено 11 тони тутун. Обвинуваат дека динамиката на откуп намерно се одолговлекува само да не се стаса на време. Скептични се дека ќе го предадат тутунот навреме, бидејќи за два месеци предале само 15 тони тутун. Останува и нивното барање за 100 денари субвенции од државата за сите класи на тутун.

„На терен имаме влошување. Се откупува со шифри, се враќаат луѓето. Четврта класа не се откупува. Проценката не е реална. Вистинските класи како првата се декласира за нивна намена и одат во двојка или тројка. Се врши грабеж по сите основи. Редици се чекаат на откупите, се земаат пари под рака само за да се дојде до ред да се предаде тутунот. Луѓе, ова вака е неиздржливо и не оди веќе, ова мора да се реши“, рече Игор Мирчески Иницијативниот одбор на тутунарите.

Од ресорното Министерство велат дека тутунарите имаат можност до петти февруари во подрачните единици на министерството за земјоделство да го пријават вишокот на произведен тутун. Проценката на надлежните е дека до 28 овој месец, ќе биде откупено се што е произведено од страна на тутунарите.

„Тутунарите секоја година добиваат на име субвенции 30 милиони евра, што изнесува 30% од вкупниот буџет за субвенционирање во земјоделството и претставува сериозна подршка од државата. Први во годината ги добиваат субвенциите, а тука е и зелената нафта“, велат од министерството за земјоделество.

Тутунарите обвинуваат дека годинешниот откуп на тутун е најкатастрофален во последниве 20 години. Податоците пак на Министерството за земјоделство велат дека досега се откупени 17 илјади тони тутун по просечна цена од 165 денари по килограм. А, потврдуваат и дека тутунарите како погодена група на граѓани од ковид кризата, ќе бидат опфатени со петтиот пакет економски мерки на Владата.

Тутунарите пак, обвинуваат дека ништо од договореното со владата од последниот состанок не е реализирано. Инаку тутунарите на неколку пати организираа блокади на локални патишта низ земјава а протестираа и пред владината зграда, сѐ со цел нивниот производ – тутунот да биде откупен и тие да си обезбедат егзистенција. Останува и барањето за 100 денари субвенции за сите класи, а најавија и дека формираат здружение на тутунопроизводителите.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button