Пратениците на СДСМ поднесоа 200 амандмани за предлог-буџетот за 2025
Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) сметаат дека предлог-буџетот за 2025 година е нереален, неразвоен и недомаќински, без визија и креативност и поради тоа имаат поднесено 200 амандмани со кои целат кон подобрување на клучните фискални политики.
„Овој буџет ќе биде генератор на нови долгови и уште една изгубена година за економијата и за граѓаните“, рече на денешната прес-конференција претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Според него, предлог-буџетот е скроен да ги задоволи потребите на власта, а не на граѓаните.
„Со раст на БДП од 3,7 отсто што Владата го предвидува, а кој нема шанси да биде постигнат, овој буџет е уште еден обид за замајување на јавноста. Власта со својот прв предлог-буџет постапува незаконски, со дефицит од 4 отсто од БДП, спротивен на законските ограничувања кои дозволуваат максимум 3 отсто“, рече Филипче.