ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Пречка за изградба на првата регионална депонија

И покрај ветувањата на власта дека регионалната депонија за Југозападниот и Пелагонискиот регион на државата, која треба да се гради во битолското село Новаци, ќе биде готова до крајот на 2024 година, како што за сега стојат работите, тоа тешко ќе може да се реализира до тогаш. Општината Новаци има свој услов, без чијашто реализација тоа нема да го дозволи, иако тие не се против изградба на модерна депонија.

„Еден од главните услови е да се направи посебна патна делница, која ќе води до регионалната депонија и со тоа ќе го избегнеме и протокот на возила кои би се движеле до оваа депонија низ населените места, кои се во рамките на нашата општина, пред се најголемото тоа е Новаци. Доколку не се изгради таа патна делница ние ќе направиме да не се реализира“, вели Стевче Стевановски- градоначалник на Новаци.

Според некои проценки, на оваа патна делница дневно би поминувале и по 40 камиони со комунален отпад од сите општини.

„Во моментов е закочено заради локацијата која е одбрана во општина Новаци. Си има општината одредени побарувања за да биде завршено префрлањето и формирањето на таа депонија“, вели Кирил Пецаков-градоначалник на Охрид.

Од Министерството за животна средина велат дека минатата недела во Собранието бил усвоен Законот за заем за финансирање на регионалниот проект за цврст отпад во земјава. Во најскоро време ќе се потпише договор со Европската банка за обнова и развој за 55 милиони евра за изградба на депонии во сите пет региони во државата. Проектот кој ќе се реализира до 2025 година.

„Со проектот се предвидени дополнителни решенија и обезбедување на посебен пристапен пат до санитарните депонии со што ќе бидат задоволени барањата на општините“, наведуваат од Министерство за животна средина.

Пелагонискиот и Југозападниот регион се опфатени во првиот дел од проектот. Тој подразбира претоварни станици во Дебар, Кичево, Охрид, Прилеп и Битола, собирни центри за селектиран отпад, затворање на депонијата Новаци и отворање на нова санитарна депонија.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button