ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Предметот за газдите кои ја злоупотребија државната помош сѐ уште во предистрага

Обвинителството за организиран криминал и корупција сѐ уште ги истражува 163 – те фирми кои пролетта земаа пари од државата за плати на работниците, но не им ги исплатија. Детали што е преземено, но и одговор зошто компаниите наместо за вработените, парите ги искористиле за друго, нема.

„Предметот за кој покажувате интерес, а се однесува на кривичните пријави доставени од Генералниот секретаријат на Владата за компаниите што злоупотребиле државна помош е во предистражна постапка“, велат од Обвинителството.

И додека обвинителството собира докази за злоупотребите направени пролетта,Владата објави нов список од 179 фирми кои земале пари наменски за плати на вработените, но не ги исплатиле. Од Управата за јавни приходи велат дека на новиот список нема фирми кои направиле злоупотреби пред половина година, бидејќи од УЈП тврдат дека тие компании немаат право да аплицираат за нова помош. Министерот за економија, ја повика УЈП да поднесе кривични против фирмите кои ги злоупотребуваат државните пари. Тој тврди дека има механизам компаниите да не прават финти, но не посочи како ќе се спречи фирмите да земат пари за плати а да си ги користат за друго.

„Секако дека има механизам, ако имаме предвид дека ние јавно ги објавивме тие компании кои не им ги исплатиле платите на нивните вработени а ќе следат и казни согласно законот“, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.

Во услови на сериозна економска криза – последица на короната, досега фирмите се соочија со јавно објавување дека зеле пари за плати а не ги исплатиле а работниците останаа со празни џебови. ССМ уште пролетта бараше парите за плати, владата да им ги исплаќа лично на работниците а не на газдите за да нема малверзации и злоупотреби.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button