ВЕСТИСВЕТ

Премиерката на Финска: Не сакаме ниту нуклеарно оружје, ниту НАТО бази

Ако стане членка на НАТО, Финска не сака да распореди нуклеарно оружје или да постави воени бази на својата територија, соопшти финската премиерка Сана Марин за денешното издание на „Кориере дела сера“.

Финска и Шведска вчера и официјално побараа членство во НАТО, објаснувајќи ја таа одлука со нападот на Русија на Украина, но се соочуваат со потенцијално вето од Турција поради нивниот прием во Алијансата.

Марин за време на посетата на Рим рече дека верува оти проблемот би можел да се реши преку дијалог.

„Мислам дека е важно во овој момент да се остане смирен. Важно е да имаме дискусија со Турција и останатите членки, да одговориме на прашањата кои можат да се јават и да ги исправиме сите несогласувања“, додаде таа.

Таа наведе дека поставувањето на нуклеарно оружје на НАТО и отворањето на бази во Финска нема да биде дел од пристапните преговори на Хелсинки со Алијансата.

„Не мислам дека имаме каков било интерес да поставиме нуклеарно оружје или да отвориме НАТО бази во Финска“, порача Марин, пренесува Танјуг.

И премиерката на Шведска, Магдалена Андерсон, исто така рече дека нејзината земја не сака трајни НАТО бази или нуклеарно оружје на своја територија.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button