Премиерот не сака да ја коментира интернет-кавгата на Груевски и Мицкоски

Додека Мицкоски го обвинува Груевски за тајни договори со власта, поранешниот премиер од Будимпешта го обвинува првиот човек на опозициската партија дека е во сојуз со Заев. Според Груевски, Мицкоски во интервјуто за Алсат не дал никакви аргументи за своите обвинувања, туку само прикажувал филмови.
„Кои се основите, целите, моралната димензија, ставовите и националната идеологија на новиот сојуз со господинот Заев. Нели ни беше заеднички политички противник, беше главниот „џелат“ на сите политички прогонети на ВМРО-ДПМНЕ, тоа беше влада која го смени името, Уставот, националноста, идентитетот, историјата со договорот со Грција, ги уапси нашите пратеници за да ги уценува за гласање…“, напиша Груевски.
Мицкоски претходно искоментира дека за него оваа медиумска пресметка со Груевски не е воопшто лесна. Тој додаде дека не му е јасно како Груевски може да биде партнер со оние кои се одговорни за секое предавство што ѝ се случило на државата, но и на него лично.
Прашан за кавгата меѓу Мицкоски и Груевски, премиерот Димитар Ковачевски рече дека не сака да коментира.
Мицкоски го обвинува Груевски дека направил договор со власта за поделба на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за да се гласа за промена на Уставот за внес на Бугарите. Според Мицкоски, Груевски би профитирал преку амнестија. Од СДСМ демантираат дека има било каков договор со Груевски и велат дека ВМРО не треба нив да ги обвинува за сопствениот раскол.
Фатлуме Дервиши