ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Притисокот врз Русковска е од некоја „претходна влада“

Советот на јавни обвинители има осум дена рок да одлучи за суспензијата на шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал Вилма Русковска. Таа денеска поднесе жалба на решението на Љубомир Јовески со кое тој ја оддалечи од работното место. Русковска не откри што точно оспорува од решението на Јовески, но кажа дека во жалбата ги побива неговите наводи.

„Ова не го сметам за суспензија на Вилма Русковска. Ова го сметам за суспензија на правото и суспендирање на правдата“, рече Русковска.

Русковска, како што вели, со оглед на тоа што нејзе сега ѝ се случило, не верува дека кој било колега сериозно ќе продолжи да ги работи нејзините предмети, меѓу кои и оној во Управата за финансиска полиција. Токму претресот во канцелариите на тогашниот директор Арафат Муареми, го иницира решението за нејзина суспензија, односно откако Јовески утврди дека таа е ненадлежна, а Муареми и поднесе кривична пријава. Русковска вели дека во овој случај сè уште не нашла докази, затоа што Финансиската полиција не ѝ ги обезбедила сите предмети оформени по анонимни кривични пријави што таа ги барала.

„Се работи за некаде помеѓу 250 и 300 предмети, од кои ни беа доставени триесетина. Повеќето од нив воопшто не ги баравме и не ни беа потребни. Сè уште не ни доставиле скоро ниту еден предмет од тие што ги баравме“, рече Русковска.

По изјавата на обвинителката, реагираа од Финансиската полиција. Оттаму велат дека обезбедиле уште 150 такви предмети, но сега чекаат одговор од Обвинителството за организиран криминал кому да ги предадат предметите.

„Имајќи го предвид Извештајот од извршениот надзор од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, во којшто извештај е констатирана ненадлежност на обвинителките Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска да постапуваат по конкретниот предмет, Ве молиме писмено да нè известите во чија надлежност е постапувањето, а со цел Управата на надлежниот јавен обвинител да му ги предаде бараните предмети“, наведоа од Управата за финансиска полиција.

Против Русковска и нејзините колешки Трајчева и Јосифовска покрената е и дисциплинска постапка во Основното јавно обвинителство, но засега нема исход. Јовески за септември најави контрола на работењето на Обвинителството за гонење организиран криминал, која не е спроведена откако Русковска е на чело на институцијата. Инаку, откако претходно кажа дека ѝ се врши притисок, обвинителката одговарајќи на прашање, вели дека притисокот не доаѓа од актуелната Влада, туку можеби од некоја претходна.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button