Притвор за 7 припадници на МВР

Притвор за седум припадници на МВР од Штип и Кочани од 30 дена определи Кривичниот суд во Скопје. Тие се осомничени, зашто потпишле лиценца за работа на дискотеката без да проверат дали објектот ги исполнува условите за тоа. Меѓу осомничените се началници на СВР Штип и Кочани, главен инспектор за сообраќајни работи и инспектор за справување со кризни состојби од штипската полиција, понатаму началник на одделението за полиција на СВР Штип, документарист во полициската станица Кочани и заменик командир на оваа полициска станица.
Кривичното дело за кое се осомничени е тешки дела против општата сигурност. Како што соопштија од Судот притворот им е одреден поради опасност од бегство, околности кои укажуваат дека ќе ја попречат истрагата со влијание врз сведоци и околности кои укажуваат дека може да го повторат делото.
Тие во Судот беа внесени со полициски службеници и лисици на рацете, а само еден од нив одговори на новинарите.
Прашање: „Дали се чуствувате виновен?“
– „Не“, рече тој.
Од Кривичниот суд рекоа дека тие имаат право на жалба.
Кривичен суд:
Кривичното дело за кое се сомничат е поврзано со издавање согласности за функционирање на диско клубот во Кочани каде се случи пожарот во кој 59 лица го загубија животот, а околу 200 луѓе се здобија со тешки телесни повреди. Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот.
Кривичните пријави против полициските службеници ги достави Министерството за внатрешни работи, а министерот Тошковски најави дека листата со осомничени ќе се проширува.
Покрај полициските службеници, досега има мерка притвор за 18 лица, а по барање на јавниот обвинител, пред судијата на претходна постапка ќе биде изведено уште едно лице поврзано со предметот, а тој е и раководител на секторот во Министерството за економија.
По обезбедувањето на доказите во рокот за притвор, Тошковски вели дека ќе се дознае за кое кривично дело ќе му биде поднеасена пријава на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, но Тошковски смета дека кривичнотот дело треба да биде исто како и за сите други лица, но тоа е надлежност на Обвинителството.
Ангел Димовски