Прочистувањето на правосудството остана за 2021 година

Прочистувањето на судството и обвинителството влегоа во десетте приоритети на владата за догодина. Премиерот Зоран Заев соопшти дека моделот за проветрување е при крај. Ќе се проверувале цели судски досијеа, секој судија ќе бил оценуван – како се водела постапката, начинот на изведување на докази, како се сослушувале сведоците.
Еден од клучните елементи за проверка ќе бидат случаи кои се исклучително важни и се под лупа на јавноста а делумно застареа поради чести одлагања. На пролет, Заев тврди ќе започне мониторингот на судењата од ЕУ или околу 50 предмети годишно.
„Ние сме прва држава во регионот кој од Европската унија побара веднаш да ја стартува инцијативата за мониторниг на судски предмети за висока корупција и тоа никако нема да зависи од стартот на преговорите со Европската унија. Ги носиме најдобрите практики дома“, рече премиерот Заев.
Моделот за прочистување на правосудството требаше да биде готов во првите 100 дена влада. Ветувањето за начинот на проветрување го вети министерот за правда. Но сега, како ќе се отстранат корумпираните судии и обвинители од системот, ќе се знае до Нова Година, убедува владата. Ветувањето за филтрација на судството, СДСМ ги вети уште пред три години, кога дојде на власт. Тогаш премиерот Заев велеше дека на судството му е потребен ветинг.
Ретерираше кога поранешниот евроамбасадор порача дека ветинг или генерален реизбор во судството нема поддршка во Брисел. Заев и денеска најави дека судството ќе се чисти токму преку Судскиот совет, а обвинителството преку Советот за обвинители – институции кои и пред да се презентира моделот на власта, разрешуваа во правосудството.
Бојан Стојановски