Продолжуваат повиците на власта до опозицијата да ги поддржи уставните измени
Власта упати нов повик за поддршка од македонската опозиција за уставните измени. Од СДСМ и гарантираат на ВМРО-ДПМНЕ дека со оставките на министрите од ДУИ им е обезбедено место во Владата која ќе ги организира предвремените парламентарни избори. Како предуслов тоа бара одобрување на уставните измени.
„Со оставките на министрите од ДУИ, кои ќе стапат на сила веднаш по донесувањето на уставните измени, Мицкоски и ДПМНЕ ќе можат веднаш да станат дел од Владата во која ДУИ не учествува и на овој начин да се организираат предвремени парламентарни избори”, велат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ го повторуваат ставот дека прашањето за уставните измени е затворено и дека оставките на министрите од ДУИ се обиди за прикривање на коруптивните афери во партијата на Али Ахмети.
„Нивните оставки се трик за личен маркетинг. Оставките во ДУИ дојдоа токму во моментот кога ги покрија темните облаци на криминалот и кои мора да ги истражи Јавното обвинителство. ДУИ се обидува да добие макар уште еден ден власт за да продолжи со криминалот и корупцијата, а во меѓувреме се обидува да го спаси СДСМ од своја кожа“, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.
Министерот за надворешни работи во заминување Бујар Османи преку видео изјава ја образложи содржината на двата дела од Преговарачката рамка. Според него, Договорот со Бугарија не е во посебниот дел од рамката, туку во општиот дел за кој не гласаат земјите-членки на ЕУ.
„Прашањето што се поставува е каде е Договорот со Бугарија и напредокот врз основа на член 12. Тие се наоѓаат во општиот дел. Значи во ниту едно од овие насоки, критериуми или чекори (поглавја) нема прашања од Договорот со Бугарија, историската комисија или контролата на напредокот врз основа на член 12“, рече Османи.
Владата има неполни две недели на располагање кога на собраниската седница ќе се знае дали ги има или не 80-те бројки потребни за уставните измени. Седницата е закажана за 18 август.
Адријан Керими