ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Протест на граѓани поради депонијата Буково, бараат итно да се затвори

Со блокирање на влезот на депонијата Буково каде се носи сметот од Охрид, жителите од околните населени места денеска протестираа и бараа оваа локација да биде затворена и исчистена. Ако нешто не се промени, тогаш ќе ја блокираат цел месец и охридскиот смет ќе нема каде да се носи. Повеќе од две недели депонијата гореше, а смрдеата се ширеше дури до Охрид.

„Ние бараме од властите задолжително да преземат одреден чекор и да се ослободиме од сето што се депонира на ова поднебје. Подземните води од ова поднебје, десно од нас одат во Охридското езеро. Подземните води од височината горе одат во Крушевскиот извор, а Преспа не знае што пие“, рече Крсте Трајчески-жител.

„Неподнослива миризба, особено кога ќе ја запалат и пластиката. Овде на 2-3 километри по главниот пат треба да вклучиш светло, не можеш да поминеш. Ова е невидено…“, додава Димитрија Трајкоски-жител.

Сè поголем, велат жителите, бил и бројот на заболени од канцер. Сметаат дека причина за тоа е депонијата.

„Крушје од сите села е најпогодено. Имаме доста заболени од канцер. Пред два месеци ми почина еден другар од канцер на белите дробови, пред шест месеци почина друг од канцер на белите дробови. И уште многу други имаат починато. Не се диши. Само да се качите да горе да видите какви чадови има…“, вели Пеце Стојчески жител.

Инаку, оваа депонија требаше, според барањата на УНЕСКО, да биде затворена во 2020 година, но државата тоа не го стори. Од Охридски комуналец пак, велат дека проблемот со пожарите се случува поради тоа што на самата депонија неовластено влегуваат лица кои палат оган за од сметот да ја вадат пластиката и железото кои потоа ги препродаваат.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button