
Организацијата за дијалог и афирмација на средношколци и студенти протестираше пред Министерството за образование барајќи олеснување за државната матура. Главното барање на средношколците е скратување на наставниот материјал предвиден за полагање. Се жалат дека биле информирани за намалувањето на материјалот, но до денеска немале пристап до него.
На протестот се приклучи и движењето Студентски отпор од каде порачаа дека се револтирани бидејќи надлежните институции, како што велат, не ги слушаат постојаните барања на студентите поврзани со нивниот стандард. Меѓу другото, побараа и зголемување на субвенцијата за храна на 160 денари.
Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири повтори дека ќе побара од директорот на Државниот испитен центар да разговара за прашањата кои ги поставуваат матурантите, но нагласи и дека досега материјалот бил веќе намален. Шаќири додаде дека е неопходно да се почитуваат стандардите кои се неопходни за исполнување на условите на универзитетите каде сакаат да го продолжат своето високо образование. Екстерната државна матура годинава ќе се полага на 27 мај и 10 јуни./Alsat.mk
Мелихате Рустеми