ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Протест на револтирани родители пред општина Струга

Стотина родители, баби, дедовци, со нивните деца и внуци денеска протестираа пред Општина Струга, барајќи да се ангажираат воспитувачки во градинките кои сега работат само до 12 часот. Тие се сретнаа и со градоначалникот Мерко кој еве што им одговорил.

„На нашето прашање до градоначалникот што да правиме ако неможеме да ги носиме децата во градинка и нема кој да ги чува таму, тој ни одговори па донесете ги сите кај мене дома, јас да ги чувам“, рече еден родител.

Проблемот е поради нерешениот статус на дваесеттина негувателки и воспитувачки, кои со години работеа само со договор на дело и плата од 10.000 денари, иако надлежните ветуваа решение.Поради ова родителите сега се принудени децата со нив да ги носат на работните места.

„Имам четири деца. Малку е тешко бидејки сум сама.Немам други роднини, родителите се починати“, вели еден родител.

„Нема негувателки, има само воспитувачки кои не се со решение. Оние кои се со договор, договорот не им е продолжен. Имаме голем проблем, децата нема кој да ни ги чува после 12 часот. Ги носам на работа со мене и ова не е во ред“, додаваат родителите.

Според градоначалникот Рамиз Мерко вината е во Министерството за труд и социјална политика.

„За негователките нека се грижи Министерството за труд и социјална политика.Градинките се под министерството, па добро е да ги прашате и нив“, рече Мерко.

Родителите се разочарани и не очекуваат брзо да им се реши проблемот.

„Повторно се случува истата ситуација, нова година стари проблеми“, рече еден родител.

Родителите најавуваат дека ако проблемот не се реши, ќе продолжат со протести.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button