Протести поради дрвосечата на Јабланица
Цели површини со шуми на планината Јабланица кај Струга секојдневно ги снемува. Квалитетна дрвна маса се уништува и со носи во непознат правец, реагираат жители на селото Вишни и околните населени места. Тие денеска се собраа во знак на револт затоа што ако продолжи уништувањето на шумата, велат – Јабланица за некоја година целосно ќе биде соголена.
„Месните граѓани кои живеат во Вишни кажуваат дека дневно околу 60 камиони поминуваат натоварени со огревно дрво и досега не се преземени никакви активности и покрај нашите барања. Имаме податок за 2017 година дека се исечени некаде околу 10.000 метри кубни дрва“, вели Цветозар Ристески, Месна заедница – Вишни.
„… Нема терен каде не е почната сеча. На повеќе места се појавени свлечишта“, додава Никола Кутаноски-жител на Вишни.
Жителите се жалат и дека се загрозени и изворите од каде земаа вода за пиење.
„Сеча над изворите се правеше. Толку многу дрва да се исечат, изворот ќе исуши. Нешто се забрани, па пак се сечи. Селото ќе се исели, ако нема вода“, рече Косто Шеќероски- жител на Вишни.
За проблемот жителите се обратиле и до Министерство за животна средина. Од таму им одговориле дека на концесионерите кои стопанисуваат со шумите во регионот на село Вишни, концесија им завршила во 2018 година.
Во меѓувреме, со истиот проблем се соочуваат и останатите населени места кои гравитираат во подножјето на планината.
„И ние како и во Вишни го имаме овој проблем. Многу години се сече во планината. Сигурно дека станува збор за организиран криминал… Јас веќе 10 години се борам со овој проблем, но не можам никако да се изборам. Тоа нема да се реши доколку не интервенира државата“, вели Џевдет Даути, Месна заедница – Радолишта.
Од Национални шуми – Струга велат дека се е законско. Се работело со план со важност од 2019 до 2028 година. Објавувале тендер за избор на фирма, по што таа легално сечела дрва низ цела Јабланица. Но, тврдат дека имало и дрвокрадци и од земјава, но и од соседна Албанија.
Мики Трајковски