ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Првите 2 километри од автопатот Скопје – Блаце ќе се копаат паралелно со експропријацијата

Имотните спорови со земјиштето на жителите од Блаце низ кои ќе поминува автопатот Скопје-Блаце, ќе бидат решени преку Управниот суд. Иако државните власти потврдија дека е извршена целосна експропријација за првата фаза од сегментот од 2 километри, некои од жителите на Блаце поднесоа тужби затоа што не се согласуваат со цената по која им се вреднуваат имотите. Од Државните патишта велат дека ќе ги платат сите парцели кои се спорни.

„Ние сме свесни дека кога станува збор за приватно земјиште има и емотивни врски, но реализацијата на еден ваков капитален проект како автопатот што нè поврзува со Косово, ние ги почитувавме сите процедури, имаме и случаи во кои граѓани не се согласија за цената на парцелите, но тоа оди низ судски постапки. Додека судот не реши, имаме законска опција да го продолжиме нашиот проект и откако на суд ќе биде утврдена цената, ќе извршиме исплата на тие парцели.“

Првиот сегмент од 2 километри ќе чини околу 14 милиони евра. Автопатот долг 12 километри пак, се проценува на 120 милиони евра, но цената може да порасне затоа што проценките за време на експропријацијата не беа реални. На преглед на теренските работи денеска дојдоа и вицепремиерот Артан Груби и министерот за транспорт Бочварски.

 „Ние сме во директни преговори со градоначалникот на Град Скопје, од кружниот тек до влезот на Скопје, Качанички пат, како што го нарекуваме сега со новото име Хасан Приштина, ќе стане булевар и се надеваме дека тоа ќе заврши оваа година. Наша цел е од границата Блаце до преминот Ќафасан, да се направи со автопатско поврзување во рамките на овој мандат.“

Според членот 37 од Законот за експропријација, надоместокот на недвижен имот се заснова на вредноста на пазарната цена што варира во секоја општина врз основа на плаќањето данок. Некои од жителите од Блаце се согласија за проценетата цена, но други побараа исплата според данокот што го платиле. Со оглед на тоа што имотни проблеми се појавија уште во првата фаза, тешко дека ќе се стигне рокот за завршување на автопатот во 2023 година.

 

Подготви: Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button