
Птичји пердуви и крв пронашле инспекторите во двата мотори на авионот на „Џеџу ер“ што се урна во Јужна Кореја минатиот месец, при што загинаа 179 луѓе, пренесува Ројтерс.
Авионот, кој полета од тајландскиот главен град Бангкок за округот Муан во југозападна Јужна Кореја, слета без тркала, се излизга од пистата и се запали откако удри во ѕид на меѓународниот аеродром Муан.
Само двајца членови на екипажот што биле на крајот на авионот ја преживеаја најголемата авионска катастрофа на јужнокорејска територија.
Околу четири минути пред несреќа, според јужнокорејските власти, еден од пилотите пријавил удар на птица и прогласил вонредна состојба пред да се обиде да слета на спротивниот крај на пистата.
Инспекторите соопштија дека се пронајдени пердуви на еден од моторите извлечени од местото на несреќата, додавајќи дека видео снимката покажала дека имало удар на птица врз мотор.
Министерството за транспорт на Јужна Кореја одби да коментира дали во двата мотори се пронајдени пердуви и крв, пишува Ројтерс.
По несреќата инспектори ги проверуваа двете црни кутии на авионот на јужнокорејската „Џеџу ер“. Тие ги преземаа податоците од снимачот на глас од пилотската кабина, додека кај оној за податоците за летот рекоа дека му недостасува клучен конектор, што го отежнувало извлекувањето на податоците, но од Министерството за транспорт рекоа оти бараат начини да ги прочитаат податоците од неа.