ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Рапидно расте долгот на општините, а ќе добијат уште 39 милиони евра

Првиот вицепремиер Артан Груби се пофали дека Владата на општините им дала нова финансиска инјекција за инфраструктурни проекти. Станува збор за 39 милиони евра, пари од концесионерот на аеродромите ТАВ кои првично беа предвидени за изградба на карго-аеродром во Штип. Но, тој нема да се гради, па Владата и ТАВ се договорија планираните пари да се поделат за реализација на локални инфраструктурни проекти. На владина седница се одобрени проекти на 36 општини.

„Владата и официјално ја усвои втората група на проекти од распределбата на средствата на концесионерот ТАВ со цел реализација на инфраструктурни проекти кои ќе го подобрат квалитетот на животот на нашите граѓани“, пишува вицепремиерот Артан Груби на својот Фејсбук профил.

А, додека општините ги чекаат овие пари, продолжуваат да се затрупуваат со долгови при реализирањето на сопствените буџети. Долгот на општините за првите три месеци од годинава достига 62 милиони евра. За само една година во време на пандемија кога поголемиот дел од администрацијата не работеше и не се реализираа проекти, вкупниот долг пораснал за осум милиони евра. Според невладините градоначалниците ќе продолжат со луксузирање сè додека тоа им го дозволува Владата.

„….Ние да имаме на локално ниво дебата за приоритети што ни е потребно, а што не и да се задолжат општините за нешто што е навистина потребно, но кај нас има еден фараонски принцип каде градоначалникот се задолжува за она што тој сака и мисли дека ќе му помогне да освои уште еден мандат“, рече Александар Цветкоски- Невладина организација АГТИС.

Најголемите должници се општина Тетово, Охрид, Карпош, Гостивар, Делчево и Струга. Пред само три години, Владата реши од државната каса да одвои 50 милиони евра за подмирување на долговите на општините кои тогаш должеа 100 милиони евра. Локалните самоуправи добија и 70 милиони евра кои државата ги позајми од Светска банка за санација на патишта и улици. Последно, со Закон, Владата одлучи да им ги прости каматите на долговите на општините кон јавните претпријатија.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button