ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Рашковски и денеска молчи за имотот, неофицијално – додека бил на функции не пријавил дополнителни приходи

Трет ден Драги Рашковски не кажува колку треба семејството да одвои од буџетот за да ја изгради хациендата од 800 метри квадратни во Побожје. И денеска, како и вчера и завчера, упорно се обидуваме да стапиме во контакт со поранешниот генерален секретар во Владата, но тој повторно не ни одговори.

Порака до Драги Рашковски:

„Господине Рашковски, може ли во интерес на јавноста одговор колку ќе чини објектот во Побожје и зошто планирате да градите толкава викенд куќа? До сега имавте пракса да одговарате на новинарски прашања. Важно е да се пренесе и вашиот став.“

Во меѓувреме, Алсат неофицијално дознава дека Драги Рашковски до УЈП нема пријавено дополнителни приходи пред да поднесе оставка, освен службеничката плата во Владата. Вчера си даде оставка и од секретарското место.

Антикорупциската комисија проверува – колкава била чергата на Рашковски? Дали трошел колку што заработувал или дали сè она што финансиски стекнал додека бил на функции во Владата, е доволно за да си ги дозволи материјалните добра наведени во неговиот анкетен лист. До Антикорупциска веќе пристигнале сите документи кои ги побарале од Катастарот. Рашковски во селото Побожје каде треба да се гради луксузната вила, поседува 11 илјади метри квадратни земјоделско земјиште. Два плаца имаат и неговите малолетни деца кои се јавуваат и како инвеститори на планираната куќа од 800 метри квадратни. Како и кога Рашковски поднел барање за трансформација на земјата од земјоделска во градежна прашавме денеска во Општина Чучер Сандево. Одговор не добивме.

Прашања до општина Чучер Сандево:

„-Колку метри квадратни на име на децата на Рашковски се траснформираат од земјоделско во градежно земјиште во викенд населбата Побожје?
-Кога го испративте барањето за трансформација на земјоделското земјиште до Министерството за земјоделство?“

Викенд куќата на семејството Рашковски, според проектот, ќе има теретана, базен, билијард соба, винарска визба и голем двор. Според градежните инженери кои ги консултиравме, изградбата на вилата до фаза карабина и занаетчиски работи би чинела над 400 илјади евра.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button