ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Рашковски обвинет за перење пари и злоупотреба на функцијата

Шефицата на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупицја, Вилма Русковска бара да му се суди на поранешниот владин генерален секретар, Драги Рашковски и на уште други шест лица. Обвинението кое е поднесено до Кривичниот суд се однесува за проблематичните набавки на софтвери – за брзина на возилата во сообраќајот и за биометриска идентификација, сè на сè – четири набавки. Меѓу нив и негови лични патентирани софтвери. На Рашковски му се ставаат на две кривични дела – перење пари и злоупотреба на функцијата. Други двајца се товарат дека му помагале во кривичните дела, а останатите четворица се сомничат дека помагајќи им направиле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување.

„Во временскиот период од јуни 2017 година до февруари 2021 година, во Генералниот секретаријат на Владата на Р.С.Македонија, првообвинетиот, како службено лице, со умисла помогнат од второ и трето обвинетите, надворешни соработници, искористувајќи исти прилики, тројцата извршиле повеќе временски поврзани дејствија, што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело“, наведоа од Јавното обвинителство.

Според обвинението, Рашковски добивал помош за кривичното дело и од сопственик на фирма. Дополнително на сè, јавните набавки не биле ниту економични, а Рашковски давал насоки како да се изготвува техничката спецификација.

„Во текот на постапката за јавната набавка комуникацијата не ја вршеле со користење на електронски средства преку Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН), туку лично, дефинирал технички спецификации што упатуваат на конкретен патент…“, додаваат од Обвинителството.

На овој начин, осомничените во џеб си ставиле скоро 300.000 евра. Рашковски од јуни 2017 до мај годинава пуштил во оптек повеќе од 87.000 евра од нив. Во меѓувреме, го прикривал потеклото на парите со нивно ставање на сметки на негови блиски. Со тие пари си плаќал и земени кредити. Обвинителството бара Рашковски да остане во домашен притвор и да му се замрзне имот. Во обвинението е наведено и дека за повеќе од 21.000 евра е оштетена државната каса за хонорарци кои ангажирал Рашковски, но кои ништо не работеле, но редовно му давале дел од хонорарите.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button