ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Развоен или социјален – тема на последниот ден од расправата за ребалансот на буџетот

Пратениците од власта и опозицијата и на последниот ден од општата расправа за ребалансот на буџетот не успеаја да ги усогласат ставовите дали ребалансот има или не развојна компонента. Опозициските партии остануваат со став дека прекроената државна каса ќе ги втурне граѓаните во дополнителна сиромаштија, бидејќи власта ребалансот го скроила само со намера да реализира предизборен поткуп.

„Јавниот долг според проекциите е 62,5 проценти што претставува тенденција на финансиски проблеми која ги има една држава. Оваа држава во последно време во секој буџет има поголем дефицит и има криза, а ако се оди со оваа динамика може да банкротираме и да имаме дополнителни финансиски проблеми. Како и во иницијалниот буџет за 2021 година и во ребалансот се предвидува социјален буџет и нема развојна компонента“, рече Аднан Незири- пратеник на Алијанса на Албанците.

За владејачкото мнозинство ребалансот е социјален и развоен. Од една страна има обезбедено пари за помош на стопанството и граѓаните, но и за реализација на капитални инвестиции.

„Ако го видиме делот на расходите, се дели на два дела, функционален и економски буџет. Овој буџет е социјален, првиот столб е социјалниот аспект и безбедноста, во однос на расходите има повеќе социјални трансфери, а ако ја видиме вредноста на буџетот 4,3 милијарди тој е оптимистички буџет. Господине Аднан вие сте економист, знаете во време на пандемија и епидемија да имаш оптимистички буџет со параметрите кои ги има овој ребаланс е голема храброст“, рече Фазли Бедри- пратеник на ДУИ.

Со ребалансот сепак поголемиот дел од министерствата ќе располагаат со истите буџети. Зголемување на парите има во министерството за труд и министерството за здравство, а намалување има во министерството за транспорт за речиси 10 милиони евра. Владата ќе има на располагање дополнителни 120 милиони евра од првично планираниот буџет. И со прекројувањето на буџетската каса прогнозите на власта останаа исти од првичните очекувања дека растот на економијата за оваа година ќе биде 4,1 отсто.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button