ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Реакции по отворањето на клубот „Иван Михајлов“ во Битола

Не запираат реакциите по отворањето на бугарскиот културен клуб што го носи името на Ванчо Михајлов. Од Еврејската заедница во Македонија истакнаа дека клубот е именуван по соработник на Хитлер и според нив, овој чин не е во духот на добрососедските односи меѓу Северна Македонија и Бугарија.

„Да се поведе постапка околу правната издржаност културни и други центри, граѓански здруженија итн. да носат имиња по потврдени фашисти и докажани соработници на нацистите“, реагираат од Еврејската заедница во Македонија.

Историчарот Драги Ѓоргиев смета дека отворањето на клубот, кој го носи името на Михајлов, претставува арогантна провокација. Во изјава за „Дојче веле“ тој сподели дека очекува ваквиот потег да влијае на дијалогот со Софија.

„За жал, ваквиот чин ги минира и ги доведува во прашање и сите други обиди да се најде решение за недоразбирањата меѓу Македонија и Бугарија. На овој начин се задушуваат и така сé помалубројните и сé потивки гласови на разумот на двете страни и се рушат и последните надежи за пристоен дијалог“, вели Ѓоргиев.

Реагираше и опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ го оцени како потег со кој се најавува нова блокада, а од Алијанса за Албанците апелираат Петков веднаш да ја крене блокадата, а во меѓувреме да се гради компромис за отворените прашања.

„Не знам кој е тој политичар или историчар кој ќе седне на маса заедно со неговите колеги од кај нашиот источен сосед и да продолжи да преговара за постигнување договор барем до јуни. Ако ова е да си најдат некаков изговор зошто повторно да ја блокираат Македонија, тогаш се прилично успешни“, рече Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

„Таквите акти не придонесуваат за побргу да излеземе и да се тргне блокадата од страна на Бугарија, за започнување на преговорите на Република Северна Македонија“, рече Зијадин Села – претседател на АА.

Претходно, премиерот Димитар Ковачевски рече дека станува збор за контроверзна историска личност, додавајќи дека јавноста со нетрпение го очекува денот кога и во Бугарија ќе созрее времето и оние граѓани со македонско самосознание ќе можат на ист начин да ги практикуваат своите уверувања.

И претседателот Стево Пендаровски истакна дека отворањето на културен клуб „Ванчо Михајлов“ нема да придонесе за зближување на народите.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button