ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Реконструкција на убиството на матурантот Ангел Петковски

Реконструкција на убиството на матурантот Ангел Петковски. По седум години од настанот, во скопската населба Ѓорче Петров се направи рекапитулација на кобниот 19 мај 2014 година. Пред очите на јавноста, и родителите на убиеното момче се исценираа две верзии – онаа на обвинителството и на обвинетиот Насер Ештрефи.

Враќањето на кејот на Вардар пред очната болница, стресно го доживеа таткото на Ангел, кој дента бил сведок на убиството на неговиот син. Иако му било тешко да ја гледа реконструкцијата, вели собрал сила за да докаже како бил убиен Ангел оти обвинетиот Ештрефи според него дал лажни верзии за настанот.

„Тука го изгубив мојот син. На овие скали тука падна и го носев на раце до горе. Мислев дека е во кома. Загубата за мене е преголема. Светот да ми го поклонат не ми вреди колку мојот Ангел“, рече Сашо Петковски, татко на Ангел.

Одбраната во текот на претходното судење тврдеше дека Ештрефи бил нападнат од Ангел и неговиот татко и дека станувало збор за нужна одбрана.

„Она што сакаме да го потенцираме е дека беа видени двете верзии, верзијата на одбраната и верзијата на оштетениот односно семејството на покојниот. Судот треба да одлучи која верзија ќе биде веродостојна и ќе ѝ поклони верба“, рече Иванка Јакимовска, адвокат.

На убиството на тогашниот матурант Ангел, претходеше кражба на велосипед од домот на семејството Петковски. Обвинетиот Насер Ештрефи, Ангел и татко му го пресретнале на кејот на Вардар пред очната болница каде Ангел го препознал осомничениот дека му го украл велосипедот. Тогаш се случи убиството и Ангел беше прободен со нож. Есштрефи беше осуден на 14 години затвор. Пресудата ја потврди Апелација, но Врховниот суд лани поради недостатоци во доказната постапка случајот го врати на повторно судење. По убиството на Ангел на 19 мај 2014 – та избија протести во скопската населба Ѓорче Петров.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button