СВЕТ

Рекорден број заразени со омикрон во голем број држави

Рекорден број на нови случаи на коронавирус се пријавени во голем број земји ширум светот поради ширењето на позаразната верзија на Ковид-19, омикрон. Државите продолжуваат да разговараат за нови мерки за намалување на бројката новозаразени.

Во Грција првата работна недела од новата година почна со редици пред лабораториите за брзи антигенски тестови. Ова е услов за прием на работното место доколку работникот не бил вакциниран. Владата во Атина размислува да воведе задолжителна вакцина за сите постари од 50 години. Засега обврзани да се вакцинираат лицата над 60 години, а доколку одбијат казната е 100 евра месечно. Во вторник на Кипар ќе се разговара за дополнителни, построги мерки.

Премиерот на Обединетото Кралство Борис Џонсон изјави дека националниот здравствен систем ќе биде сериозно тестиран во наредните недели поради омикрон.

Здравствените власти на САД одобрија трета доза вакцина против Ковид -19 на Фајзер за деца на возраст меѓу 12 и 15 години. Започна и масовна имунизација на деца од 5 до 11 години, кај оние со ослабен имунолошки систем.

Во меѓувреме, границата од 1 милион нови случаи на ден беше надмината во понеделникот во САД, каде што инфекцијата беше потврдена со 1.003.043 позитивни тестови. Со ова, за прв пат една земја идентификуваше повеќе од 1 милион нови инфекции од почетокот на пандемијата пред две години.

Турција во понеделникот регистрираше над 44.000 нови случаи, што е највисоко ниво од крајот на април. Случаите во Турција се удвоија за помалку од една недела откако омикрон стана најзастапената варијанта во земјата.

Во Израел здравствените работници и граѓаните над 60 години кои примиле трета доза пред повеќе од четири месеци веќе се вакцинираат со четврта доза. Од 9 јануари делумно ќе биде укината забраната за влез на странци во земјата, воведена на крајот на ноември поради омикрон.

Шведска пак постави нов дневен рекорд за случаи на Ковид-19, регистрирајќи 11.507 позитивни тестови на 30 декември. Дневната статистика во оваа земја се ревидира со тоа што податоците за дневните инфекции одложено се додаваат во националниот вкупен број за даден ден. Претходниот рекорд од 11.376 случаи беше поставен кон крајот на декември 2020 година.

Новиот бран, делумно поттикнат од позаразната варијанта омикрон, ја погоди Шведска подоцна од нејзините нордиски соседи, но во последниве недели резултираше со нагло зголемување на случаите и хоспитализацијата. Шведска го привлече меѓународното внимание со отфрлањето на тешките карантини во текот на пандемијата.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button