Ристоска: Измените на Кривичниот законик ги доживувам како навреда на сите професионалци

Последните измени на Кривичниот законик лично ги доживувам како навреда на сите професионалци кои се вложија, пред се, во борбата против корупцијата, изјави денеска обвинителката Ленче Ристоска, одговорајќи на новинарски прашања по првиот панел од конференцијата „Зајакнување на жените и младите во борбата против корупцијата и во вградувањето на европските фундаментални права и вредности во регионот“.
Според Ристоска, овие измени најчесто ќе ги афектираат коруптивните кривични дела, а голем дел од предметите во кои се вложени многу ресурси и енергија веќе застаруваат.
Таа порача и дека кои било измени со кои можеби некој се спасува од кривична одговорност, не ја изземаат од одговорност имотната корист, односно конфискацијата и понатаму останува на сила.
Обвинителката оцени и дека конфискацијата е „полужива“, а за нејзиното спроведување таму каде што се веќе детектирани проблеми, потребна е подобра меѓуинституционална соработка, па дури и политичка волја за измена на некои законски решенија.
Во однос на постапката за конфискација, поранешниот специјален обвинител рече дека е потребен поголем ангажман и соработка меѓу институциите, како и политичка волја за усогласување на правните процедури за ефикасна конфискација на имотот што е предмет на кривично гонење и судење.