Нов самит на лидерите на ЕУ и на Западен Балкан ќе се одржи на почетокот на декември и тоа по првпат во една од земјите од регионот, дознава РТС од дипломатски извори во Брисел.
Во веста се наведува дека тој состанок треба да даде нов, силен сигнал за посветеноста на ЕУ кон Западен Балкан, со порака до земјите од регионот да ја искористат новосоздадената политичка средина во Европа, со цел да се подобри процесот на пристапување и решавање на отворените прашања во регионот.
„Позициите и реториката на Србија за санкциите против Русија и војната во Украина се неприфатливи за многу земји членки“, наведуваат европските дипломати за РТС и оценуваат дека самитот „најверојатно ќе се одржи во Албанија или Северна Македонија“.
Во Брисел оценуваат дека војната во Украина ја зајакнала свеста во Европа за важноста на политиката на проширување за стабилноста на континентот, што се покажува и со покажаната подготвеност за брз напредок во разговорите со Украина и другите земји кои до неодамна не беа дел од процесот.