ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Руски пари во инвестиција на ДУИ

Изворот на вода кај дебарското село Гари до пред 7 години жителите го користеле само за пиење и домашни потреби. Но, од 2016 година кога се отвори фабриката „МАЈА“ се сомневаат дека се переле пари од странство. За инвестицијата од над 10 милиони евра, од семејство на тетовци слаткари доселени во Хрватска, имаше аларм само еден месец по отворањето на фабриката. Имало сомнителни трансакции за перење пари од лица на основачката компанија „МЛ-Гари“ на фабриката „МАЈА“, сестринска фирма на „Мали Лошињ“ од хрватскиот остров, на инвеститорот Дашмир Абдија по потекло од Пирок.

На свеченото отворање учествуваше целото претседателство на ДУИ на чело со Али Ахмети. Тој се пофали со идните вработувања на граѓаните од дебарско, иако потоа од 100-те ветени вработувања, беа реализирани само 20. Водата никогаш не почна да се извезува на Блискиот исток, Русија или Белорусија, како што беа ветувањата.

„Во технолошкиот процес кој се одвива во фабриката, водата се полни и пакува со најсовремена опрема, крајниот резултат е природна негазирана и газирана вода МАЈА со висок вкус и квалитет“, говореше Кујтим Деари, претставник на компанијата „МЛ-ГАРИ“.

Финансиската полиција, според истражувањето на ИРЛ во партнерство со телевизија Алсат, по повеќегодишна пауза, вчера го доставила досието до Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, кое предистражната постапка ја започнало во 2016 година. Се следело движењето на парите и инвестицијата. Обвинителите истражуваат можно перење пари преку офшор компании регистрирани на Кипар и Британските Девствени Острови.

„Овој случај се однесува на хрватски, македонски и украински државјани, како и фирми регистрирани на Кипар, Британските Девствени Острови, за кои преку меѓународна полициска соработка со единиците за финансиско разузнавање на инволвираните земји, потребни се податоци и потребно е време да се добие одговор. Податоците што се бараат во овој случај се неопходни во смисла на обезбедување доволно докази за подигање на нивото на сомнеж и би овозможиле отворање на истражната постапка“, наведоа од Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Целата оваа шема функционерите на ДУИ ја озакониле. Дашмир Абдија во април 2012 година со одлука на тогашната Влада добил концесија за користење вода за период од 30 години потпишана од тогашниот министер за економија, Ваљон Сарачини од ДУИ. Во 2018 година на седница на Влада била одобрена и втора концесија кај локалитетот Звичница во село Гари, исто така за 30 години за време на актуелниот министер за економија Крешник Бектеши од ДУИ.

Во т.н. „Пандора документи“ до кои стигнаа некои светски медиуми и кои откриваат како светски лидери, милијардери и познати личности ги кријат своите пари и имоти преку даночни оази, било и името на МЛ-Гари од Македонија. Таа внесувала пари на банкарскиот пазар преку оф-шор компании на лица кои тесно соработуваат со високи функционери од Русија. Еден од нив бил Михајло Перенчевиќ, син на Предраг Перенчевиќ, кој е на црната листа на САД и санкциониран од Велика Британија и Канада поради деловни зделки со блиски соработници на рускиот претседател Владимир Путин.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button