ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Русковска бара помош од ЕУ и САД, Здружението на обвинители против неа

Русковска бара помош од ЕУ и САД, Здружението на обвинители против неа

Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал, Вилма Русковска се пожали на притисоци. Тоа следува откако претходно директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми најави кривична пријава против неа и уште две обвинителки кои го извршија претресот во неговата канцеларија за кој главниот државен обвинител Љубомир Јовески констатираше неправилности. Русковска вели дека нема да дозволи лице, чие постапување го проверува, да ѝ ги валка образот и честа.

„Во Македонија не смее да владее волјата на некои сегашни или пак поранешни владини функционери, за обвинители да замижуваат пред кој било криминал, па тој и да е и во највисоките ешалони на власта“, изјави Вилма Русковска – шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал.

Русковска дури повика да се вклучат и амбасадите на САД и ЕУ, како и главната европска обвинителка, Лаура Ковеши. Но, таа не доби поддршка од колегите во Скопје. Остра реакција пристигна од Здружението на јавни обвинители. Оттаму велат дека Русковска го нарушила угледот на јавните обвинители и го прекршила нивниот Етички кодекс.

„Како јавни обвинители не гледаме ниту една причина за ваков драматичен полноќен повик до меѓународни институции и дипломати, особено што ниту обвинителката Русковска, ниту останатите обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во ниту еден момент не биле спречени самостојно да водат истраги во нивна надлежност“, велат од Здружение на јавни обвинители.

Во својот допис, Русковска најави и дека ќе сподели дел од наодите што нејзиното Обвинителство ги има против Муареми, па, како што додава, јавноста ќе суди кој е криминалец, а кој се бори против криминалот. Од друга страна, по ваквата најава на обвинителката, првиот човек на финансиската полиција отиде чекор подалеку.

„Ја повикувам Вилма Русковска, доколку располага со сознанија и информации за сторен криминал од моја страна истите да ги докаже и на јавноста да ѝ пласира обвинителен акт против мене, а не празни и неосновани сознанија и информации, дискредитирајќи ја во целост функцијата што ја извршува. Негонење на криминал поради притисоци, претставува кривично дело, обвинителке“, нагласи Арафат Муареми – директор на Управата за финансиска полиција.

Инаку, на вчерашниот брифинг, Муареми ја обвини Русковска и дека воопшто не го познава Законот за јавно обвинителство. По добиениот извештај од Обвинителството на Јовески, во кој се констатираат неправилности во претресот над Муареми, Русковска рече дека Јовески нема право да се меша во конкретни предмети. Муареми пак, ја потсети дека во надлежност на републичкиот обвинител е да врши надзор над законитото извршување на јавнообвинителската функција, а со сличен став се произнесе и Здружението на јавни обвинители.

„Јавното обвинителство е засновано на принципите на хиерархија и субординација, што значи дека секој јавен обвинител за својата работа одговара пред повисокото обвинителство. Ниту еден јавен обвинител не смее да се смета себе си за семоќен и да одбива контрола над постапувањето“, соопштија од Здружението.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button