ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Русковска тврди дека навреме го информирала МВР за Мијалков

Шефицата на обвинителството за организиран криминал и корупција во емисијата „360 степени“ на Алсат посочи дека уште во саботата на пладне му кажала на министерот Спасовски дека има информација оти Сашо Мијалков се подготвува да бега. Во три часот попладне Спасовски побарал Русковска да напише службена белешка за сознанијата. Напишала и во пет попладнето ја испратила во МВР. Доцна вечерта околу 11 часот, полицијата ѝ одговорила со исто известување како нејзиното, со плус генералии за Мијалков.

„Јас се јавив на директорот на полиција, го прашав дали оствариле контакт со Агенцијата за национална безбедност и дали тие имаат некои сознанија при што директорот ми кажа дека Агенцијата за национална безбедност нема сознанија за бегство на Сашо Мијалков“, рече Русковска.

Обвинителството не побарало притвор уште во саботата бидејќи Агенцијата за национална безбедност не ја потврдила информацијата која ја добила Русковска.

„Тоа беше непотврдена информација, од еден извор. Замислете кога Агенцијата за национална безбедност нема никаква информација, врз што ние да постапиме со сигурност?“, додава Русковска.

Според соопштението на обвинителството, полицајци во неделата ги известиле обвинителите дека имаат визуелен контакт со Мијалков сè до 18 часот и 45 минути. По 21 часот и 47 минути, како што наведува обвинителството, му се губи секаква трага. Иако од оваа институција барале Мијалков да оди во притвор, Кривичниот суд се одлучил за поблага мерка – куќен притвор, 24 часовен видео и аудио-надзор. Нема објаснување од судот зошто се одлучиле на ваква полесна мерка.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button