ВЕСТИСВЕТ

Самит на НАТО во Мадрид, Путин доби „натоизација“ на Европа

НАТО ги покани Шведска и Финска за членство во Алијансата, откако блокадата за пристапување за овие две земји реши да ја крене турскиот претседател Ердоган. На Самитот во Мадрид, на кој учествуваат шефовите на држави и Влади на членките, било истакнато дека проширувањето со Шведска и Финска, кои досега беа воено-неутрални земји, придонесува кон евроатлантската сигурност.

„Претседателот Путин не успеа да ги затвори вратите на НАТО, тој го доби спротивното од тоа што го сакаше. Тој сакаше „помалку НАТО“, а Путин всушност добива „повеќе НАТО“, со зачленувањето на Шведска и Финска во Алијансата“, рече Јенс Столтенберг – генерален секретар на НАТО.

„Путин сакаше да ја направи Европа како Финска, но доби „натоизација“ на Европа, во право време, за да се гарантира безбедноста на Европа“, порача Џо Бајден – претседател на САД.

Од Москва реагираа дека негативно гледаат на проширувањето на НАТО со двете земји, бидејќи, како што вели заменикот шеф на руската дипломатија Сергеј Рјабков, со ваквиот потег Стокхолм и Хелсинки го предаваат суверенитетот на Вашингтон. Но, според Кремљ, членството на двете скандинавски држави нема никакво значење во глобална стратешка смисла.
На самитот видео-обраќање имаше и украинскиот претседател Зеленски.

Инаку, делегацијата на Македонија во Мадрид ја предводи претседателот Стево Пендаровски. Прашан за стабилноста во Западен Балкан, одговори дека регионот е подложен на хибридни закани од Русија, што кај нас особено се потврдило во периодот на спроведувањето на референдумот за името во 2018-тата година, по кој земјата се зачлени во НАТО. Тој сепак, ја нагласи ситуацијата во Косово и Босна.

„Сите знаеме, северот на Косово, Република Српска се чувствителни точки за што треба да сме повеќе свесни и не само земјите од Западен Балкан, туку и целата западна Алијанса треба да насочи повеќе внимание за овие меки точки во регионот, бидејќи во спротивно, дестабилизацијата на регионот би можела да започне од некаде“, рече Пендаровски.

На Самитот во Мадрид, кој ќе трае и утре, членките расправаат и за нова стратешка концепција за трансформирање на Алијансата, нова помош за Украина, како и дополнително присуство на американските сили на европско тло.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button