ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Санкции за 132 возачи во Кочани за погрешно паркирање

Сообраќајната полиција при Одделението за внатрешни работи – Кочани им врачила платни налози на 132 возачи за непрописно паркирање на улиците во централното градско подрачје.

Во рамки на акцијата „Паркирај совесно, паркирај одговорно“, денеска полициските службеници ги поучуваа возачите за направените прекршоци, со цел да се подигне свеста за користење на обележаните паркинг места и за подобрување на безбедноста на учесниците во сообраќајот.

– Сакаме да ги потсетиме возачите дека при паркирањето на возилата треба да внимаваат тоа да не го прават на пешачки премини, на тротоари или во непосредна близина на крстосниците со што го загрозуваат пешачкиот сообраќај. Исто така, им укажуваме дека треба да обратат внимание и на другите места, каде согласно Законот за безбедност во патниот сообраќај, е забрането запирање и паркирање, истакна Горан Велковски, водич на увидната екипа за сообраќајни незгоди при ОВР- Кочани.

Иако акцијата има превентивен карактер, сепак било утврдено дека голем број возачи прават сериозни прекршоци при паркирањето, поради што се преземени и законски санкции. Укажувањата од полициските службеници ќе продолжат и во наредните денови, а ако не дадат позитивен ефект, тогаш ќе се преземаат пригорозни казнени мерки.

Во реализацијата на кампњата се вклучени Отсекот за превенција при СВР – Штип, Одделението за внатрешни работи и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button