ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

СДСМ без коментар за пцуењето на Талат Џафери, не знаат дали е автентично

Социјалдемократите не ја коментираат скандалозната снимка на којашто можеше да се чуе вулгарниот речник на собранискиот спикер Талат Џафери. Од партијата се повикаа на изјавата на премиерот Димитар Ковачевски, кој пак рече дека на снимката не може да се слушне кој кому му се обраќа. Сепак, Џафери досега не демантираше дека на снимката не е неговиот глас.

Advertisements

„Став во однос на снимката даде премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски и не би имале што дополнително да додадеме сè додека не се потврди автентичноста на истата“, велат од СДСМ.

Од опозицијата претходно побараа претседателот на собраниската Комисија за деловнички прашања, пратеникот Панчо Минов веднаш да свика седница поради тешка повреда на Етичкиот кодекс. Според нив, со навредите и пцовките, кои Џафери наводно ги упатил до вработени во собраниските служби, тој го прекршил членот 14 од Кодексот.

Панчо Минов пак, за Алсат вели дека би свикал седница и би покренал постапка, но најпрвин требало да добие писмено барање и докази. Тој немаше одговор дали и како може да се докаже автентичноста на снимката.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно побараа одговорност од Џафери.

„Талат Џафери го наруши Етичкиот кодекс и за тоа мора да има одговорност! А, СДСМ и Владата молчат само и само заради гола власт! Димитар Ковачевски се прави недоветен иако и Талат Џафери и Собранието ја признаа автентичноста којашто во живо беше пренесена на Собранискиот канал!“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, досега ниту Џафери, ниту Собранието се немаат произнесено за снимката. Од Кабинетот на спикерот кусо информираа дека воопшто нема да го коментираат настанот. Оттаму ниту ја потврдија, ниту ја демантираа снимката. Џафери, после објавата, сè уште нема застанато пред медиумите. Денеска бил во работна посета на Германија.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button