ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

СДСМ и Алијанса за Албанците тивки за проширувањето на Владата

СДСМ и Алијанса за Албанците не откриваат никакви детали за средбите на работните групи за влез на оваа партија во Влада. Од СДСМ кусо ни одговорија дека немаат информации, а од Алијанса велат дека до викендов очекуваат интензивни средби за да се дефинира целиот договор. Нема конкретна одлука ниту од Алтернатива. Од партијата на Африм Гаши немаат информации за преговорите помеѓу Алијанса и СДСМ, па чекаат повик од премиерот Ковачевски.

„Чекаме финализирање на разговорите меѓу СДСМ и АА за да видиме дали тоа ќе влијае на нашиот договор за заедничко владеење со СДСМ. Тогаш партиските органи ќе донесат одлука. До овој момент не е најавена средба меѓу претседателот Африм Гаши и премиерот“, велат од Алтернатива.

Извори на Алсат од Алтератива велат дека се многу незадоволни од постапките на СДСМ и од премиерот Димитар Ковачевски, бидејќи многу точки од договорот кој беше склучен пред една година сè уште не се имплементирани, особено раководењето со институциите кои ѝ припаѓаат на Алтернатива.

Во меѓувреме ВМРО-ДПМНЕ, односно потпретседателот Владо Мисајловски, во емисијата „Патот кон“ на Алсат рече дека има сигнали од пратеници на СДСМ и ДУИ кои не се согласуваат Алијанса да биде дел од Владата.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека кога и да се следните парламентарни избори, разликата меѓу нив и СДСМ ќе биде многу голема.

Мефаил Исмаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button