СДСМ: Историски шамар за ВМРО-ДПМНЕ од сопствените сојузници во европскиот парламент

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска реагираше на потегот на Европската народна партија (ЕПП), сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ, нарекувајќи го „директен историски дипломатски пораз за Христијан Мицкоски и неговата партија“.
Според СДСМ, предлог- амандманот од ЕПП, кој предлага формулација „модерен македонски јазик“, претставува сериозен удар врз позициите на Северна Македонија и суштинско понижување за ВМРО-ДПМНЕ. Амандманот е поднесен од координаторот на ЕПП, Михаил Галер, член на германската ЦДУ, партија која ВМРО-ДПМНЕ ја смета за стратешки и идеолошки партнер.
„Наместо поддршка, од своите европски пријатели добија дипломатска шлаканица што го доведува во прашање влијанието на ВМРО-ДПМНЕ во својата матична групација“, наведуваат од СДСМ.
Партијата изразува загриженост што ЕПП најавила поднесување на истиот амандман и на пленарната седница, што укажува на координиран став во кој, како што велат, ВМРО-ДПМНЕ или учествува или молчи.
СДСМ дополнително предупредува дека извештајот на Европскиот парламент содржи клучни пораки кои ја разоткриваат „вистинската слика за неработењето на новата власт во однос на ЕУ интеграциите“, односно дека има јасен повик за итен напредок во уставните измени и реформите поврзани со ЕУ, како и загриженост за назадување во борбата против корупцијата и судската независност.
СДСМ упатува апел до власта да престане со „политички манипулации дома“ и да ја запре „надворешната политика водена од дневно-партиски калкулации“.