ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Се анализираат мотивите за формирањето на Исламската селефиска заедница во земјава

Основањето на новата верска заедница „Исламска селефиска заедница- Дар Ел Хадис“, предизвика бројни реакции во земјава. Комисијата за односи меѓу верските заедници и религиозни групи соопшти дека на почетокот на овој месец формирале работна група во Министерството за правда за да се разгледува формирањето на новата верска заедница. Директорот на оваа комисија, Даријан Сотировски вели дека Граѓанскиот суд не е должен да ги консултира за одлуки за запишување на нови заедници, но додава дека се потребни законски измени.

Исламската верска заедница вчера остро се спротивстави на основањето на новата селефиска верска заедница. Според ИВЗ, целта е да се воспостави институционален паралелизам и најавија дека ќе побараат од државата да ја поништат одлуката на Граѓанскиот суд во Скопје и судијката Сузана Дончевска. Но, основачот на „селефиската исламска заедница Дар ел Хадис“ шејх Џемал Јакупи, во изјава за АЛСАТ рече дека формирањето на новата верска заедница нема за цел некому да му го наруши редот, туку само да се институционализира селефиското верување.

„Нашето убедување е дека ова е најдобриот и најчистиот начин да ја манифестираме нашата вера, како што сме ја научиле од Куранот и традицијата на пророкот Мухамед. Не сметаме дека ова треба за некого да предизвика загриженост или пречки затоа што сакаме на ваков институционален начин да покажеме во тоа што сме убедени“, рече Шејх Џемал Јакупи, Поглавар на селефиската исламска заедница.

Јакупи вели дека планираат да отворат и свои посебни џамии за да можат слободно да го практикуваат нивното верување.

Мефаил Исмаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button