ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Сè уште не е поправен големиот дефект на водоводот во Тетово

Голем дел од градот Тетово е без вода за пиење поради дефекти на главната водоводна мрежа кај месноста Лешница на Шар Планина. Жителите од одредени населби вода си обезбедуваат преку јавните чешми во градот.

Немам вода. Имам казан, наутро доаѓа еден час и после еден час, нема цел ден. Казанот не е доволен за перење и за ништо. Вчера излегов на улицата кон Попова Шапка, таму наполнив два казана во 10 часот…

Со недели и со месеци нема. Имаме магацин дома со буриња, но таа вода не се пие, мириса лошо, секој ден купуваме вода од продавниците.

Полниме од градските чешми. Лошо, многу лошо.

Од општина Тетово велат дека се работи на санирање на дефектите, но снегот ги отежнувал нивните напори. Градоначалникот Биљал Касами вчера ја обвини претходната власт дека проектот за водоснабдување се реализирал без да се почитуваат соодветните стандарди.

„Во овој студен зимски период се соочуваме со недостиг на вода во нашите домови. Ова доаѓа од несоодветната инвестиција со непочитување на потребните стандарди за водоснабдување. Сакам да ве уверам дека за време на пролетната сезона и по ублажувањето на климатските услови ќе започнеме со целосно санирање на водоводната мрежа и овој проблем еднаш засекогаш ќе се реши.“

Реагираат и од иницијативата „Подобро за Тетово“.

„Ќе бараме од градоначалникот да формира стручна анкетна комисија која ќе го оцени проектот, тендерската документација и сработеното на терен, која ќе ги утврди причините за честите проблеми што ги имаме. Доколку се утврдат злоупотреби или импровизации, треба јавно да се објават одговорните лица и фирмите кои го спровеле.“

Инаку, проблемот со водоснабдувањето е најизразен низ населбите од горниот дел на градот, но и во зградите кои немаат хидрофор.

Bashkim Sulejmani

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button