ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

„Селски стражи“ во Кичевско против фрлање ѓубре од ЈП комуналец

Десетици жители на дел од кичевските села веќе две недели протестираат на патот кон Осломеј, против фрлањето отпад по нивите од страна на општината. Поставија дури и шатор во кој дежураат 24 часа, за да ги спречат општинските комунални камионите да продолжат да фрлаат отпад на нивите.

„Тука сме скоро две недели и сме против ѓубрето, да не се фрла овде бидејќи ни прават голема штета. Како прво, го згадуваат воздухот на сите села, второ, водата во бунарите што ја пиеме ќе се загади, нема каде да се оди, тука нема живот“…

„Тука сме за да го заштитиме чистиот воздух, плодната почва и чистата вода. Човечкиот фактор го загадува воздухот, нема веќе 75% азот, ниту 20% кислород, туку од човечки фактор овде се фрла само отпад, тука се испуштаат само отровни гасови“, рекоа жителите.

Претседателот на протестниот совет Фатмир Лимани, ја обвинува општина Кичево дека прави фиктивни договори и ги злоупотребува печатите на месните заедници од овие села за да покаже дека има договор со жителите отпадот да се фрла овде.

„Се вели дека месните заедници и општинските органи се договориле, но за каков договор станува збор кога парцелите што се во рамките на рудниците, не се во сопственост ниту на месната заедница, ниту на Министерството, ниту на општината. Ова е неважечко, а второ со новиот Закон за локална управа на месните заедници им се одземени ингеренциите, па дури и прават криминал користејќи печати на месните заедници кои со донесувањето на новиот закон имаа време да ги вратат и да не ги злоупотребуваат. Значи, тука има и организиран криминал. Но и да создале месни заедници, кои се да ги видиме, сите тие се претседавачи и потпретседатели на ограноци и разграноци на политичките субјекти“, рече Фатмир Лимани, претседател на протестниот совет.

Градоначалникот на Кичево Фатмир Дехари, ги негираше обвинувањата дека отпадот без договор се фрлал низ нивите на Осломеј, а протестот на жителите го нарече политички.

„Со сите месни заедници во тој дел постигнавме договор и не правам ништо повеќе од тоа. Ги отфрлам тврдењата дека таму се прави регионална или привремена градска депонија. Никако. Договорот се однесува на 15 дена. После 15 дена останува општината и претпријатието поинаку да управуваат со сметот. Би сакал да апелирам до оние кои протестираат дека нема потреба од празни битки затоа што на крајот на краиштата и самите демонстранти се познати членови на раководството на една политичка партија и претседатели на ограноци, па дури и не се жители од тој регион“, вели Дехари.

Граѓаните кои протестираат најавуваат радикализација на мерките ако општината не престане да истовара смет на кичевските полиња.

Башким Сулејмани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button