ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Сезонава поинакви ваучери за туризам, ќе нема ковид-ваучери

Државата доцни со објавувањето на мерката за издавање на ваучери за туризам за оваа сезона, реагираат од туристичкиот сектор. Според нив, владата одамна требала тоа да го направи, затоа што сме на прагот на летото.

„Секоја организирана држава мора да планира многу порано. Мај, јуни и летото се на прагот. Не знам кој може да реагира потоа? Многу спори се реакциите од владата конкретно во делот на туризмот. Не јасна е сликата со ваучерите. Беше споменато од владата за фамилијарни ваучери во вредност од 250 евра. Но, од тоа нема ништо сега за сега“, вели Науме Угреновиќ-сопственик на хотел во Струга.

Инаку, лани останаа неискористени голем дел од 100-те илјади ваучери, па хотелиерите бараат тие да бидат валидни и летово.

„Минатата година доста се помогна со ваучерите и многу останаа неискористени. Би требало сега на тие неискористени ваучери да им се даде можност да ги искористат оваа година“, додава Угреновиќ.

Од туристичките агенции бараат уште од самиот почеток да бидат вклучени во искористувањето на ваучерите затоа што агенциската провизија е пресметана во цената за хотелот.

„Стратегијата требаше порано да биде. Некои чекори се погрешни и задоцнети во моментот. Ние го имавме тој проблем минатата година. Владата издаде ваучери. Првично најавуваше дека не може преку агенција да се користат, па чекај – ќе се предомислиме. Додека тие излегоа, се искористија и ниту еден не отиде преку агенциите“, рече Билјана Менкиноска-сопственичка на туристичка агенција.

Но, за разлика од лани кога беа доделени повеќе од 100.000 ваучери, годинава, како што информираа за Алсат од Министерството за економија, државата ќе подели само 1.250. Ќе бидат наменет за домаќинства со ниски приходи чии месечни примања се до 30 илјади денари, а ќе имаат вредност од 200 евра.

Од Економија објаснуваат дека мерката не доцни затоа што до пред неколку недели угостителите воопшто и не работеа. Инаку, не станува збор за истите ваучери од лани кои беа дел од т.н. анти-ковид мерки, туку за редовна активност согласно програмата за поддршка на домашниот туризам за работници со ниски приходи.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button