ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Шара станува Национален парк – забранета е изградба на хидроцентрали

Нови хидроцентрали на Шар Планина нема да има. Ова го уверува министерот за животна средина Насер Нуредени, откако Владата го прифати предлог законско решение за прогласување на дел од планината за Национален парк. За веќе издадените концесии за хидроцентрали а кои не почнале да се градат, ќе се преговара за раскинување на концесиите.

„Тие кои имаат концесии немале можност да градат им даваме рок од една година после тоа ќе има решение да најдеме решение заедничко, но нема да може да се градат нови“, рече Насер Нуредини, министер за животна средина.

Нуредини најави дека ќе се испитува дали свлечиштето на Лешница кое ја уништи цевката на главниот водовод и Тетово го остави без вода било предизвикано од хидроцентралите.

Со предлог законот, Шара ќе биде прогласена за Национален парк од втора категорија, а зоната на активно управување е половина од вкупната површина. Со заштитата на Шар Планина ќе се добиваат и средства од фондовите кои ќе овозможат развивање на планината.

„Во границите на Националниот парк Шар Планина вклучени се сите планински села со цел да се обезбеди еден еднаков ист третман и можност за нивен развој во иднина. Овде се вклучени 30 села, а заштитената територија изнесува 62.705 хектари. Сите тие се наоѓаат во зоната за одржливост која што внимателно е предложена со цел овозможи непречно функционирање на луѓето во населените места на целата територија на паркот“, изјави Насер Нуредини, министер за животна средина.

Шара со децении се соочува со нелегална сеча на шума, градежна експанзија, загрозување на растителниот и животински свет, и со изградба на мали хидроцентрали во срцето на планинскиот масив.

Планината зафаќа територии од Македонија, Косово и Албанија. Во Косово, Шара над 30 години е прогласена за Национален парк. Со прогласување на Шара за Национален вкупно 13,2 проценти од територијата на Македонија би биле заштитена зона. Европскиот стандард, предвидува 20% од територијата да биде прогласена за заштитно подрачје.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button