ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Шестмина од обвинетите во „Синџир“ признаа вина и се спогодија со ОЈО ГОКК

Во пресрет на почетокот на судскиот процес за случајот „Синџир“ закажан за денеска во Основниот кривичен суд во Скопје, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) преку писмено соопштение информираше дека шестмина од обвинетите лица и фирми нема да бидат дел од судската постапка бидејќи веќе ги признале делата и им се изречени осудителни пресуди, по претходна спогодба.

Воедно, од Обвинителството велат дека со постигнатите спогодби, кои биле прифатени од судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, на шестмината обвинети им се изречени условни казни, а во буџетот на државата се вратени безмалку еден милион евра.

Инаку, во случајот „Синџир“ кој беше отворен кон крајот на октомври лани, со истрагата беа опфатени 26 лица, сопственици и управители на 28 фирми, осомничени дека создале шема за даночно затајување, преку која со издавање на фактури со ДДВ за наводно извршени набавки, кои не постоеле, го оштетиле државниот буџет за околу осум милиони евра.

Сите шестмина кои признале вина и се спогодиле со Обвинителството, беа обвинети за кривичните дела злосторничко здружување од член 394 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик (КЗ) и даночно затајување според член 279 ства 2 во враска со ства 1 од КЗ. На двајца од овие осомничени на товар им се ставаше и кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело, според член 273 став 1 од КЗ.

Станува збор за лицата Д.И., Ѓ.Л., В.У., Е.М., Р.П. и Х.К. на кои со спогодбата им се изречени условни затворски казни од една година до две години, доколку во наредните од три до пет години не сторат друго кривично дело.

Единствено на В.У. му е изречена ефективна затворска казна од една година. На четворица од обвинетите (Д.И., Ѓ.Л., Е.М. и Х.К.) им се изречени парични канзи од по 183 900 денари, односно околу 3 000 евра, додека останатите двајца (В.У. и Р.П.) се казнети со по околу 5 000 евра.

Во однос на шесте фирми со кои е постигната спогодба, на три од нив судот им изрекол парични казни од по 500 000 денари или околу 8 000 евра, една фирма е казнета со еден милион денари, додека една од останатите е казнета со идентична сума, а другата со 400 000 денари или 6 500 евра.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button