ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Kонтрадикторности во случајот со Мијалков

Сашо Мијалков е дома. Зградата опколена со полиција. Се легитимира секој кој излегува од улицата каде екс директорот на тајната полиција од вчера вечерта го издржува притворот.

Но, изминативе два дена, јавноста и медиумите се сведоци на серија контрадикторности кои го пратеа бегството па предавањето на Сашо Мијалков.

Контрадикторност број еден. По него полицијата трагаше со национална и меѓународна потерница. Се проверуваа багажници на автомобили низ цело Скопје. Мијалков среде бел ден сам дојде во обвинителството за организиран криминал за да си го земе решението за куќен притвор иако главниот град беше преплавен со цивилна и униформирана полиција.

Контрадикторност број два. Сашо Мијалков не бегал – бил болен и во изолација поради корона. Имал над 40 степени температура. По еден ден боледување, во добро физичко здравје дојде во обвинителството. Засега полицијата не откри, дали ова го потврдиле членовите на неговото семејство кои беа испрашувани во понеделникот. Тој имаше позитивен тест на 14 октомври лани, а оздраве на 3 – ти ноември.

Контрадикторност број три. Ќе има ли олеснување за Мијалков што сам се пријави, откако полицијата не го најде.

„Неговото пријавување во обвинителството не смее да се смета за олеснителна околност ниту за овој, ниту за никој друг случај“, рече премиерот Заев.

„Сепак олеснителна околност е што самиот се пријави во обвинителството“, изјави Вилма Русковска, Шеф на обвинителството за организиран криминал.

Контрадикторност број четири. Обвинителството за организиран криминал и корупција во неделата бараше притвор за Мијалков. Кривичен сепак се одлучи дека е доволен куќен притвор. Откако Мијалков во неделата не го најдоа, обвинителството поднесе жалба. Пред тој сам да се пријави, жалбата ја повлекоа а Мијалков дојде да си го земе документот за домашен притвор. Зошто жалбата била повлечена вчера непосредно пред Мијалков да се појави, објасни Русковска.

„Самиот претседател на судот побра жалбата да биде повлечена зашто решението дотогаш не беше спроведено“, додаде Русковска.

Веќе во петок, Мијалов во суд ќе го донесе полиција од куќен притвор, не неговото обезбедување. Ќе ја слушне пресудата за случајот „Таргет – Тврдина“ каде е обвинет и за него се бара максимална затворска казна од над 10 години. Русковска не ја исклучи можноста да побараат притвор во Шутка, но не кажа кога. По пресудата во петок, обвинетите ќе имаат право на жалба до Апелација. Доколку повисокиот суд евентуално одлучи да се повтори постапката, случајот ќе почне одново – со повторно изведување докази и сослушување сведоци.

Ако предметот евентуално се суди пак и тече со досегашната динамика – четири години постапка за да се дојде до пресуда, тогаш постои сериозна опасност обвинетите да не одговараат за децениското прислушување и уништување на опремата за прислушување во повторењето судење, бидејќи апсолутна застареност за делата во „Таргет – Тврдина“ настапува во 2025 – та година.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button