ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Што по појавата на мутираниот вирус во Србија? Утре состанок на здравствените власти

„Британската“ варијанта на корона вирусот е откриена и во Србија. Мутација е со70 отсто побрз пренос, а првично се појави во Велика Британија. Денеска беше откриен и кај заразени пациенти кај нашиот северен сосед. Од Министерството за здравство велат дека утре ќе ја разгледаат можноста за евентуални мерки за да се спречи пренесувањето на овој сој на вирусот и во Македонија.

„Секој понеделник се одржува состанокот на Централниот кризен штаб на кој министерот за здравство Венко Филипче ја претставува епидемиолошката состојба, додека Комисијата за заразни болести е во секојдневна комуникација и постојано ја следи оваа состојба. Ќе имаме консултации и за ова“, рекоа од Министерството за здравство.

Како што објавија здравствените власти во Србија, оваа варијанта на ковид 19 ја донела патничка од Лондон, која имала негативен PCR – тест, но со лесни симптоми слични на сезонски грип. Од тампонот земен од неа и од нејзиниот сопруг, кој имал поизразени симптоми, било откриено дека станува збор за британски вирус. Инаку, во карантин биле ставени и лицата со кои контактирале.

„Сакам да ве известам дека нов вид на корона вирусот пристигна во Србија, имаме официјални податоци. Се плашам, затоа брзаме со вакцинацијата. Утрово министерот Лончар ме извести за ова“, рече Александар Вучиќ, претседател на Србија.

Неодамна, македонскиот министер за здравство изјави дека резултатите направени во лабораторијата на Македонската академија на науките не ја откриле варијантата на британскиот вирус во нашата земја. Филипче рече дека ова не претставува дополнителен ризик по здравјето, иако се пренесува многу лесно.

Освен вообичаените здравствени протоколи во моментов, нашата земја нема дополнителни мерки против Велика Британија. Последниот лет од лондонскиот аеродром до Скопје беше вчера. Следниот е во вторник. Ниту еден од патниците што се враќаат од Велика Британија не е изолиран ниту пак им се бара негативен ПЦР тест. Со појавата на овој нов сој на вирусот во пресрет на новогодишните празници, владата во Скопје ги прекина летовите од Лондон и ги стави во карантин сите патници кои влегоа во земјата до 31 декември. Таа мерка траеше три – четири лета и беше укината.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button