ВЕСТИМАКЕДОНИЈАРЕГИОН

Што содржи билатералниот протокол меѓу Македонија и Бугарија?

Познати се деталите од четирите клучни бугарски барања за свикување на првата Меѓувладина конференција на Брисел и Скопје. Агенцијата БГНЕС го објави билатералниот Протокол, односно патоказ за имплементација на Договорот за добрососедство на кој работеле Министерствата за надворешни работи на двете земји и кој сѐ уште не е потпишан.

Како прво е наведено барањето за внес на Бугарите во Уставот.

„Владата на Република Северна Македонија се обврзува пред одржувањето на Првата Меѓувладина конференција да ги заврши соодветните процедури и да ги вклучи во својот Устав оние нејзини граѓани, кои живеат на територијата на државата и се дел од бугарскиот народ.“

Во однос на говорот на омраза, двете страни би презеле обврска за мерки против пропагандата, која наштетува на билатералните односи.

„Страните ја потврдуваат својата посветеност да преземат дејствија против говорот на омраза и ги назначуваат министерствата за надворешни работи како институции за контакт при заедничка идентификација на такви случаи во натписите на јавни згради и споменици, текстови во учебници и наставни програми и во медиумите (вклучително и онлајн и социјалните медиуми).“

Објавениот Протокол предвидува и Мешовитата комисија за историски прашања да заседава осум до десет пати годишно, а она што досега е усогласено како текст меѓу историчарите веднаш да биде објавено. Историчарите досега за заедничко чествување се договорија за Цар Самоил, светите браќа Кирил и Методиј, како и Свети Климент и Свети Наум.

„Двете страни да договорат заеднички годишен календар за 2022 и 2023 година за заедничко чествување на заеднички историски настани и личности, кои веќе се договорени од Мешовитата мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Доколку постои политичка волја, двете земји ќе слават и други заеднички историски настани и личности.“

Четвртото барање се однесува на жртвите од комунистичкиот режим и во Протоколот се обврзува македонската Влада да се извини за репресиите извршени од, како што се вели, југословенскиот комунистички режим врз граѓаните со бугарска самосвест.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button