ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Симовски: Статистиката не ја прави реалноста, туку ја попишува

Резултатите од пописот ќе го потврдат големиот број на раселени лица, вели директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски. Симовски инсистира на тоа дека и покрај негодувањата ,оваа статистичка операција повеќе не може да се одложува, зашто веќе доцни 19 години.

„Дури и да ги собереме најдобрите професионалци во светот, сепак ќе има незадоволство. Лично нема да ми се допаѓаат податоците затоа што знам дека ќе имаме голема црна дупка на луѓе кои се раселени, а ние не сме ги евидентирале. Ќе бидеме далеку од раст на населението. Ќе бидам незадоволен, но тоа не значи дека нема да го прифатам. Мора да ги отвориме очите и да ја прифатиме реалноста. Статистиката не ја прави реалноста, туку ја попишува. Сигурен сум дека на многу луѓе нема да им се допаднат резултатите, но воопшто не ме интересира“, изјави Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика.

Во интервју за Радио Слободна Европа, Симовски вели дека бројките во Уставот ги доведуваат во заблуда  граѓаните дека пописот се прави само за да се утврди колкав процент од населението се Македонци, а колку Албанци, а всушност пописот дава здрава основа за планирање во сите сектори. Симовски го отфрли барањето на опозицијата за попис со отпечатоци од прсти, како правно и практично неизводливо. Но, опозицијата продолжува да инсистира на барањето, повикувајќи ја влаата да го повлече актуелнио предлог-закон за попис на населението.

„СДСМ ќе спроведе политичка, а не статистичка операција. За нас и за сите граѓани, важно е операцијата да биде само статистичка, затоа предложивме неколку прашања што треба да се спроведат за процесот да биде фер. Ги повикувам навреме да го повлечат законот, кој е пред свршен чин, за да се гласа и разговара за нов закон со широк консензус“, рече Димче Арсовски, ВМРО ДПМНЕ.

Од друга страна, СДСМ инсистира на тоа дека пописот напролет ќе резултира со точни и квалитетни податоци, бидејќи законот што е во собраниска процедура е во согласност со светските стандарди и регулативите на Евростат.

„Бојкотот и повикот за бојкотирање на пописот подразбира повик за непочитување на законите. Ова е апсолутно апсурдно и прв случај што можеме да го видиме во Европа и светот “, изјави Богданка Кузевска, СДСМ.

Собраниската расправа за предлог-законот е завршена, но сè уште не е познато кога законот  ќе биде ставен на дневен ред за гласање.

Анеса Салиху

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button