ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Синдикатите го блокираа влезот на Скопје – сѐ е поскапено, работникот е на дното

Синдикалците утрово го блокираа влезот на Скопје. На главната крстосница кај населбата Автокоманда претставниците на ССМ поставија шатори, знамиња и останати реквизити со кои го изразуваа незадоволството од како што велат, игнорантскиот однос на власта. За задачите коишто ги добиваат на работа, велат дека треба да бидат повеќе платени.

„Работничката класа е доведена до невидена криза, пратениците треба да размислат и да застанат позади работникот и да ги добиеме тие пари…“

„Треба да добиеме поголема плата, сè е покачено и затоа што работникот заслужува поголема плата…“

„Работникот, неговиот труд, неговиот капитал е знаењето, вештините кои што ги поседува, а тоа е еквивалент на капиталот“, реагираат граѓаните.

Додека вработените во јавниот сектор штрајкуваат на нивните работни места, предводниците на синдикатот мора да бидат на улица, вели Дарко Димовски претседател на ССМ.

„Апелирам, сфатете нè сериозно, ние ќе бидеме секој ден на улица доколку не се исполнат нашите барања кои се неопходни во моментов. Не може да ни сервирате дека ќе имаме ново зголемување на струјата, а да ни нудите нова методологија за плати“, рече Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.

На протестот се пропуштаа само возила на Брзата помош.

Патот беше слободен и за возилата за противпожарна заштита, полицијата и војската.

Доколку овој протест не ги премисли властите и тие не ги исполнат синдикалните барања, следната дестинација за одржување на протест ќе биде пред Министерството за труд и социјална политика. Од таму синдикалците ќе се преселат пред законодавниот дом. Според планот, синдикалците ќе протестираат, односно ќе го затворат и влезот на Скопје кај Сарај.

Синдикатот бара зголемување на платата во јавниот сектор за 2.800 денари и исплата на К-15.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button