ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Сите партии очекуваат победа на изборите во Тетово

Собранието го доби  известувањето од Владата за распуштање на Советот на општина Тетово. До изборот на новиот совет, дел од ингеренциите ќе ги има градоначалникот Билал Касами. Актуелниот претседател на Советот, Бесар Дурмиши, вели дека фокусот на неговата партија ќе биде да обезбеди мнозинство.

“Ние како партија ќе се подготвиме повторно да ја имаме победата што ја имавме минатата година, но и ќе бараме гласови од граѓаните за да имаме поддршка да функционираме и да овозможиме подобро да се работи за граѓаните, без саботажи, без блокади. Да имаме функционален совет “, рече Бесар Дурмиши.

Алијансата за Албанците смета дека моментот ќе биде искористен за враќање на победата во Тетово и обезбедување стабилно мнозинство.

“Алијансата за Албанците ќе го искористи овој момент за да го направи големиот пресврт во Тетово. Затоа што ние сме реструктуирани и сме подготвени. Внимателно го следевме советот и ги имаме предвид грешките, недостатоците и предностите на локалната самоуправа,“ рече Вјолца Бериша, генерален секретар на Алијанса за Албанците.

Листата „Подобро за Тетово“ оценува дека излегувањето на избори во услови на криза е луксуз.

“Во овој момент, во економска и политичка криза, одењето на избори е луксуз. Имаме многу проблеми и многу работи во оваа општина која должи 24 милиони евра, но така одлучија институциите“, рече Елмедина Абдулаху, советничка на листата “Подобро за Тетово”.

Од ДУИ велат дека ќе ја следат работата на Касами до изброт на нов совет.

“До изборот на новиот совет, градоначалникот има надлежности кои може да ги преземе, но Законот за локална самоуправа ограничува, не може сите надлежности да ги врши градоначалникот,“ рече Блерим Османи, советник од ДУИ.

Распуштањето на тетовскиот совет дојде откако не беше усвоена завршната сметка до 31 март, како што предвидува законот.

Адриан Керими

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button