ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Скоро 700 гласачи од Чучер Сандево „префрлени“ да гласаат во Бутел, ќе одлучуваат и за Град Скопје!

680 избирачи кои живеат во општина Чучер Сандево на локалните избори ќе може да гласаат за градоначалник и советници во општина Бутел и за Град Скопје. Грешката е последица на недостиг на координација меѓу институциите. Имено, граѓаните имаат лични карти со адреса на живеење во општина Бутел иако Централниот регистар, Град Скопје и општина Бутел признаваат дека се жители на Чучер Сандево, поточно жители на неколку улици – „Бутелска“ и „Призренска“. Грешката ја забележале и долго време барале решение од подрачната единица на ДИК во Чаир, кои го поднесоа барањето за корекција.

„Во избирачкиот список има стотици или илјадници граѓани на кои на личните карти им пишува друга општина, а се распределени во друга. Ова е затоа што МВР и другите институции прават многу грешки поради честото преименување на улиците, поради големиот обем на работа, бидејќи Централниот регистар понекогаш не ги известува институциите… “, велат од Регионална единица на ДИК во Чаир.

МВР ја известило ДИК дека грешката во документите за идентификација ќе се коригира, но од идните лични карти што ќе ги вадат граѓаните. Сето ова наметна сериозна дилема меѓу членовите на ДИК. Дали да се земат како основа личните карти на граѓаните или официјалните известувања од извештаите на институциите кои докажуваат каде тие всушност живеат?

„Ќе треба да одлучиме дали 700 луѓе ќе гласаат за градоначалник на Град Скопје и за градоначалник на Бутел или дали ќе имаме легитимен градоначалник за Град Скопје“, изјави Кренар Лога, член на ДИК.

Потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху, одбива да ја потпише избирачката листа.

„Според законот, јас не сум надлежна да одлучувам за описот на избирачките места за кои е надлежен секторот за избирачкиот списоци. Ако тие не се согласат и мислат дека не треба да го потпишат избирачкиот список, без нивниот потпис, ниту јас нема да го потпишам избирачкиот список“, рече Дитмире Шеху, потпретседателка на ДИК.

Но, Шеху и Лога беа надгласани од нивните колеги. Другите членови на ДИК оценија дека не се надлежни да одлучуваат за вакви промени.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button