Следната недела ќе се разгледува барањето на матурантите за намалување на материјалот за државната матура, најави Шаќири

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири најави дека следната недела ќе биде разгледано барањето на матурантите за намалување на материјалот за полагање на државната матура.
„Дел од материјалот што е доставен до средношколците е усогласен според тоа како е реализирана во претходната учебна година. Но, без разлика на тоа, јас сум отворен во наредниот период да реализирам уште еден состанок со Државниот испитен центар (ДИЦ) како институција која ги подготвува сите фази за реализација на државната матура и да го видиме начинот на којшто тоа треба да се реализира“, рече Шаќири.
Додаде дека на средбата треба да се разгледаат законските регулативи, односно што дозволува Законот да се менува во овој момент по однос на барањето на матурантите, со оглед на тоа што испитите од државната матура се веќе закажани.